Norite pateikti skundą dėl ES institucijos ar įstaigos?

Turinys

Европски кодекс за добро административно однесување

Овој кодекс, одобрен од Европскиот парламент, ги содржи следниве суштински одредби[1]:

Член 1 - Општа одредба

Во односите со јавноста, институциите и нивните службеници ќе ги почитуваат принципите што се утврдени во Кодексот за добро административно однесување (понатаму во текстот – Кодексот).

Член 2 - Лично поле на примена

1. Кодексот важи за сите службеници од повисок и понизок ранг за коишто важат Кадровските прописи и Условите за вработување на други службеници, во нивните односи со јавноста. Понатаму во текстот, поимот „службеник“ ќе се однесува на сите службеници – како на оние од повисок, така и на оние од понизок ранг.

2. Институциите и нивните администрации ќе ги преземат сите неопходни мерки за да овозможат одредбите утврдени со овој кодекс да важат и за другите лица кои работат за нив, како што се лицата вработени со договори од приватното право, стручњаците распоредени на должност од страна на националните граѓански служби и стажантите.

3. Поимот „јавност“ се однесува на физичките и правните лица, без оглед на тоа дали престојуваат или имаат регистрирано своја канцеларија во земјата-членка или не.

4. Во смисла на Кодексот:
а. поимот „институција“ значи институција, тело, канцеларија или агенција на ЕУ;
б. поимот „службеник“ значи висок или друг службеник на Европската унија.

Член 3 - Материјално поле на примена

1. Кодексот ги содржи општите принципи на добро административно однесување, коишто важат за сите видови односи на институциите и на нивните администрации со јавноста, освен ако истите не се раководат според конкретни одредби.

2. Принципите утврдени во Кодексот не важат за односите помеѓу институцијата и нејзините службеници. Тие односи се раководат според Кадровските прописи.

Член 4 - Законитост

Службеникот треба да постапува во согласност со законот и да ги применува правилата и процедурите пропишани во законодавството на ЕУ. Службеникот треба особено да внимава за да овозможи одлуките што ги засегаат правата или интересите на поединците да имаат законска основа и нивната содржина да биде во согласност со законот.

Член 5 - Отсуство на дискриминација

1. При постапувањето по барањата на јавноста и при донесувањето на одлуките, службеникот треба да овозможи почитување на принципот на еднаквост во третманот. Припадниците на јавноста што се наоѓаат во иста ситуација се третираат на сличен начин.

2. Доколку се направи некаква разлика во третманот, службеникот треба да биде сигурен дека е оправдана со објективните релевантни особености на конкретниот случај.

3. Службеникот треба особено да ги избегнува сите облици на неоправдана дискриминација на припадниците на јавноста врз основа на националноста, полот, расата, бојата на кожата, етничкото или социјалното потекло, генетските особености, јазикот, религијата или верувањето, политичкото или какво било друго мислење, припадноста на национално малцинство, имотот, раѓањето, хендикепот, возраста или сексуалната определба.

Член 6 - Пропорционалност

1. При донесувањето на одлуките, службеникот треба да се погрижи преземените мерки да бидат пропорционални со целта што треба да се постигне. Службеникот треба особено да го избегнува ограничувањето на правата на граѓаните или наметнувањето давачки на граѓаните кога тие ограничувања или давачки не се во логичен однос со целта на активноста што се спроведува.

2. При донесувањето на одлуките, службеникот треба да ја почитува праведната рамнотежа помеѓу интересите на приватните лица и интересот на општата јавност.

Член 7 - Отсуство на злоупотреба на овластувањето

Овластувањата се практикуваат исклучиво во согласност со намените за коишто биле доделени со релевантните одредби. Службеникот треба особено да избегнува да ги користи ваквите овластувања за цели што немаат никаква законска основа или не се мотивирани од некаков јавен интерес.

Член 8 - Непристрасност и независност

1. Службеникот треба да биде непристрасен и независен. Тој треба да се воздржува од секакво произволно постапување што може да има негативно влијание врз припадниците на јавноста, како и од секаков привилегиран третман врз секаква основа.

2. Постапувањето на службеникот никогаш не смее да биде мотивирано од лични, семејни или од национални интереси или, пак, од политички притисок. Службеникот не смее да учествува во донесувањето на некоја одлука од којашто тој или таа, или некој близок член од неговото или од нејзиното семејство, ќе има финансиски интерес.

Член 9 - Објективност

При донесувањето на одлуките, службеникот треба да ги има предвид релевантните фактори и на секој од нив да му даде соодветно значење, не земајќи ги предвид ирелевантните елементи.

Член 10 - Легитимни очекувања, конзистентност и совет

1. Службеникот треба да биде доследен во сопственото административно однесување, како и во административното постапување на институцијата. Службеникот треба да ги следи вообичаените административни практики на институцијата, освен во одделни случаи кога постојат легитимни основи за отстапување од нив. Таму каде што постојат такви основи, се евидентираат во писмена форма.

2. Службеникот треба да ги почитува легитимните и разумни очекувања на припадниците на јавноста, имајќи предвид како постапувала институцијата во минатото.

3. Онаму каде што е потребно, службеникот треба да ја советува јавноста за тоа како треба да се постапи по одредено прашање што е во негова или нејзина надлежност и како треба да се продолжи понатаму во постапувањето по тоа прашање.

Член 11 - Праведност

Службеникот треба да постапува непристрасно, праведно и разумно.

Член 12 - Љубезност

1. Во односите со јавноста, службеникот треба да биде услужлив, коректен, љубезен и достапен. При одговарањето на преписките, телефонските повици и електронска пошта, службеникот треба да се потруди што повеќе да помогне и на поставуваните прашања да одговори што е можно поцелосно и попрецизно.

2. Доколку службеникот не е одговорен за конкретното прашање, тој или таа треба да го упати граѓанинот кај соодветниот службеник.

3. Доколку се направи грешка што може да има негативно влијание врз правата или интересите на некој припадник на јавноста, службеникот треба да се извини за тоа и треба да настојува на најекспедитивен начин да ги исправи негативните последици што произлегуваат од неговата грешка, информирајќи го припадникот на јавноста за сите права на жалба во согласност со член 19 од Кодексот.

Член 13 - Одговор на дописите на јазикот на граѓанинот

Службеникот треба да се погрижи за тоа секој граѓанин на Унијата или кој било припадник на јавноста, којшто писмено се обраќа до институцијата на еден од јазиците од Договорот, да добие одговор на истиот јазик. Истото важи, се разбира во рамките на можностите, и за правните лица, како што се здруженијата (невладините организации) и компаниите.

Член 14 - Потврда на приемот и укажување на надлежниот службеник

1. Секој допис или жалба до институцијата добива потврда за приемот во период од две недели, освен во случај кога во тој период не може да се испрати реален одговор.

2. Одговорот или потврдата за приемот ги содржат името и телефонскиот број на службеникот кој постапува по прашањето, како и службата на којашто тој/таа ѝ припаѓа.

3. Потврда за прием и одговор не треба да се испраќа во случаи кога писмата или жалбите се повод за злоупотреба поради нивната прекубројност или поради нивниот повторувачки или бесмислен карактер.

Член 15 - Обврска за проследување до надлежната служба на институцијата

1. Доколку дописот или жалбата до институцијата е упатен или проследен до одреден генерален директорат, директорат или до одделение што не е надлежно да постапува по истото, нејзините служби овозможуваат досието, без одлагање, да биде проследено до надлежната служба во институцијата.

2. Службата што првично го примила дописот или жалбата го информира испраќачот за ова проследување и ги наведува името и телефонскиот број на службеникот до кого било испратено досието.

3. Службеникот треба да го предупреди припадникот на јавноста или на организацијата за некакви грешки или превиди во документите и да обезбеди можност за нивно исправање.

Член 16 - Право да се биде сослушан и да се даде изјава

1. Во случаите кога станува збор за права или интереси на поединци, службеникот треба да овозможи, во секоја фаза од постапката на донесување на одлуката, да се почитуваат правата на одбрана.

2. Секој припадник на јавноста има право, во случаите кога мора да се донесе одлука што ги засега неговите права или интереси, да достави коментари во писмена форма и, по потреба, да презентира усни забелешки пред донесувањето на одлуката.

Член 17 - Разумен временски рок за донесување одлуки

1. Службеникот треба да се погрижи одлуката за секое барање или жалба до институцијата да се донесе во разумен временски рок, без одлагање, најдоцна два месеца од датумот на приемот. Истото правило важи и за одговарањето на дописите од јавноста и за одговарањето на административните белешки коишто службеникот ги испраќа до своите претпоставени, а во кои бара упатства во поглед на одлуките што треба да се донесат.

2. Доколку во претходно споменатиот временски рок не може да се даде одговор на одредено барање или жалба до институцијата поради сложеноста на прашањата што ги предизвикува тоа барање или жалба, службеникот треба да го информира авторот што е можно побрзо. Во таков случај, авторот се известува за конечната одлука во најкраток можен рок.

Член 18 - Должност да се наведат основите за одлуките

1. Секоја одлука на институцијата, којашто може да има негативно влијание врз правата или интересите на одредено приватно лице, задолжително треба да биде проследена со наведување на основите врз кои се темели, со јасно укажување на релевантните факти и законската основа на одлуката.

2. Службеникот треба да избегнува донесување одлуки што се темелат на кратки или нејасни основи или не содржат поединечно образложение.

3. Доколку, поради големиот број лица засегнати со слични одлуки, не е можно детално да се соопштат основите за одлуката и ако поради тоа се испраќаат стандардни одговори, службеникот треба да гарантира дека последователно ќе му обезбеди поединечно образложение на граѓанинот кој изречно ќе го побара тоа.

Член 19 - Наведување на можностите за жалба

1. Во одлуката на институцијата, којашто може да има негативно влијание врз правата или интересите на одредено приватно лице, треба да се наведат расположливите можности за жалба за оспорување на таа одлука. Во одлуката треба особено да се наведе природата на правните лекови, телата пред коишто тие можат да се реализираат, како и роковите за нивна реализација.

2. Одлуките треба, пред сè, да упатат на можноста за судска постапка и жалба до Омбудсманот според условите утврдени во членовите 263 и 228, секој посебно, од Договорот за функционирање на Европската унија.

Член 20 - Известување за одлуката

1. Кога станува збор за лицата чиишто права или интереси се засегнати од одлуката, службеникот треба да овозможи засегнатите лица да бидат информирани во писмена форма непосредно по донесувањето на конкретната одлука.

2. Службеникот се воздржува од соопштување на одлуката на други извори сè додека засегнатото лице или засегнатите лица не биде/бидат информирано/и.

Член 21 - Заштита на податоците

1. Службеникот кој постапува со лични податоци што се однесуваат на одреден граѓанин, треба да ја почитува приватноста и интегритетот на поединецот во согласност со одредбите од Регулативата (ЕЗ) бр. 45/2001 на Европскиот парламент и на Советот од 18 декември 2000 година за обработка на личните податоци од страна на институциите и телата на Заедницата и за слободното движење на овие податоци[2].

2. Службеникот треба особено да избегнува обработка на личните податоци за нелегитимни намени или давање на ваквите податоци на неовластени лица.

Член 22 - Барања за информации

1. Доколку е надлежен за конкретното прашање, службеникот треба на јавноста да ѝ ги обезбеди информациите коишто таа ги бара. Кога е соодветно, службеникот треба да ја посоветува јавноста на кој начин треба да се започне административната постапка што е во негова или нејзина надлежност. Службеникот треба да се погрижи пренесените информации да бидат јасни и разбирливи.

2. Доколку усното барање за информации е премногу сложено или премногу опширно за да може да се постапува по него, службеникот треба да го посоветува засегнатото лице да го формулира своето барање во писмена форма.

3. Доколку службеникот не смее да ја открие содржината на бараните информации поради нејзината доверлива природа според член 18 од Кодексот, тој/таа треба да го информира засегнатото лице зошто не може да ги соопшти бараните информации.

4. Во случај кога станува збор за информации по прашања што не се во негова надлежност, службеникот треба да го упати барателот до надлежното лице и да му го даде името и телефонскиот број од тоа лице. Доколку, пак, станува збор за информации што се однесуваат на некоја друга институција на ЕУ, службеникот треба да го упати барателот до таа институција.

5. По потреба, а во зависност од предметот на барањето, службеникот треба да го упати лицето што бара информации до службата на институцијата којашто е надлежна за обезбедување на тие информации за јавноста.

Член 23 - Барања за јавен пристап до документите

1. Со барањата за пристап до документите, службеникот треба да постапува според правилата донесени од институцијата и во согласност со општите принципи и ограничувања пропишани во Регулативата (ЕЗ) бр. 1049/2001[3].

2. Доколку службеникот не може да постапи по усното барање за пристап до документите, граѓанинот се советува барањето да го формулира во писмена форма.

Член 24 - Водење соодветна евиденција

Одделенијата на институцијата водат соодветна евиденција за добиената и за испратената пошта, за документите што ги примаат и за мерките што ги преземаат.

Член 25 - Јавноста на Кодексот

1. Институцијата презема ефикасни мерки со цел да ја информира јавноста за правата што таа ги ужива според овој Кодекс. Доколку е можно, институцијата ќе овозможи текстот на Кодексот да биде достапен и во електронска форма на нејзината веб- локација.

2. Од името на сите институции, Комисијата го објавува и дистрибуира Кодексот до граѓаните во форма на брошура.

Член 26 - Право на жалба до Европскиот омбудсман

Секое непочитување на принципите пропишани во овој кодекс од страна на одредена институција или службеник може да биде предмет на жалба до Европскиот омбудсман според член 228 од Договорот за функционирање на Европската унија и со Статутот на Европскиот омбудсман[4].

Член 27 - Анализа на работењето

Секоја институција го анализира спроведувањето на Кодексот по двегодишно работење, а за резултатите од таа анализа го информира Европскиот омбудсман.

 

[1]Текстот што следи е ажуриран за да ги земе предвид промените направени според Спогодбата од Лисабон за номенклатурата на Спогодбите и бројот на нивните членови, како и ревизијата од 2008 година на статутот на Омбудсманот. Поправени се и одредени печатни или јазични грешки.

[2] Сл. весник L 8/1, 12.1.2001 г.

[3] Сл. весник L 145/43, 31.5.2001 г.

[4] Одлука на Европскиот парламент во врска со прописите и општите услови за вршење на должностите на Омбудсманот, Сл. весник 1994 г. L 113 стр. 15, како што е последно променето со Одлуката на Европскиот парламент 2008/587/ЕЗ, Euratom од 18 јуни 2008 година. Сл. весник 2008 L 189 стр. 25.